| Достапност во продавниците | |
|---|---|
| Книжарница ТРИ Веро Центар | Достапно |
| Книжарница ТРИ ГТЦ | Достапно |
| Книжарница ТРИ Дебар Маало | Достапно |
Кој не умрел во книжевното дело, нема да умре никогаш.
Големото „петокнижје“ на Митко Маџунков почнува со Времето на ирвасите, по што следуваат Птиците од ланските гнезда, Непостојната книга (необјавено), Правта на библиотеките и Времето пред приказната. Со двојното појавување на поимот „време“ во самите наслови на делата, на почетокот и на крајот од циклусот, се подвлекува и една од централните теми на оваа, во нашата книжевност единствена романескна целина. Станува збор за грандиозно дело кое ќе се коментира во времињата што се пред нас, и од кое ќе се бараат решенија и насоки. Во Правта на библиотеките, наспроти „лажниот“ Дон Кихот како редукција на донкихотските вредности во
нашиот свет, се појавува „вистинскиот“ Дон Кихот кој низ каталошкиот книжен виор слегува во подземјето, каде што, со другите ликови на делото, води битка за „спас на светот“ преку книгата и сè она што таа го олицетворува.
Акад. Георги Старделов
Кога беспоговорно би го следеле Хорациј, би рекле дека Митко Маџунков напишал совршено дело за меморијата и антимеморијата! И тоа би било доволно. Но Правта на библиотеките е нешто повеќе од тоа. Овој роман на Маџунков е антологија на суштествувањето составена во најголем дел од самите ликови во романот. Како секоја базична книга, романот го поставува и прашањето каде оди
овој обездушен и обескнижен свет базиран врз рециклирање, и каде во тој свет се малите народи и нивниот идентитет?... Во тој вител на чудесни и чудни глетки и привиденија, се чини дека наративната оска постојано е вкопана во македонската почва.
Блаже Миневски
Митко Маџунков е македонски романописец, раскажувач, драмски автор и есеист. Митко Маџунков е роден во Струмица на 19 март 1943 година. Основното и средното образование ги завршил во родниот град, а дипломирал на Филолошкиот факултет во Белград, на групата светка книжевност со теорија на книжевноста. По дипломирањето, тој останал да живее во Белград и долго време работел како библиотекар-советник во Библиотеката на град Белград, каде што се пензионирал. Во 1970 година станал член на Здружението на писатели на Србија, од 1986 година е член на Друштвото на писателите на Македонија, а исто така, тој е член на Друштвото на независни писатели. Во 2006 година, Маџунков се преселил во Македонија. Во 2003 година бил избран за член на МАНУ надвор од работниот состав, а во 2007 станал редовен член на МАНУ.
Својот пробив на литературната сцена Маџунков го постигнал во Белград и долго време бил потценет во Македонија. Сепак, подоцна, таа неправда била исправена и, како признание на високиот квалитет на неговата проза, Маџунков бил избран за член на Македонската академија на науките и уметностите.
Основна одлика на творештвото на Маџунков е епскиот карактер на неговите романи. Неговите романи се големи по обем при што тие се испреплетуваат помеѓу себе. Оттука, некои главни и епозодни ликови се провлекуваат во повеќе негови романи. Притоа, во изборот на ликовите и ситуациите, Маџунков често внесува автобиографски елементи. Тој пишува во манирот на јужноамериканскиот волшебен реализам, т.е. во неговите дела провејуваат чудни настани, необјасниви случки, необични ликови итн. Сепак, многу често во неговите дела се вметнати ликовите, местата и легендите од струмичкиот крај.
Види повеќеВеб страницата користи колачиња за да ви овозможиме најдобро можно корисничко искуство. Со продолжување на користењето на нашата интернет страница ја прифаќате употребата на колачиња (cookies).
Се согласувам