| Достапност во продавниците | |
|---|---|
| Книжарница ТРИ Дебар Маало | Достапно |
| Книжарница ТРИ ГТЦ | Достапно |
Да замислиме дека стоиме пред дело кое штотуку настанало. Знаеме дека е тоа средишниот дел на триптихонот; од едната негова страна се наоѓа меѓата на светот од другата се протега пределот на парадоксалниот сон. И централниот дел и крилјата што го преклопуваат делото истовремено се и отворени и затворени. Она што ги исполнува може да се шири но формата им е конечна.
Да претпоставиме дека тоа дело има повеќе – на пример, девет – тематски целини, кои меѓусебно се преплетуваат. Едната тематика е семејниот круг, втората метафизиката на соништата, третата „алхемијата на зборовите“, четвртата малограѓанскиот свет, петтата урбанизираното општество, шестата војната, седмата љубовта, осмата ars poetica-та, деветтата смртта.
Да си речеме дека сите тие целини имаат свои делти составени од повеќе ракави-мотиви, и дека ним им одговараат исто така разгранети обработки или сижеа кои бараат соодветен стил. И да поверуваме, најпосле, дека сето тоа можеме да го замислиме како во склопот на целото дело така и во секој од неговите составни елементи.
Настанатото дело, се разбира, ги нема секогаш, во секој свој „фрагмент“, сите елементи од кои е составена целината, но ја има нивната претпоставена слика. И ако оние кохезиски сили, кои ги поврзуваат сите мотиви во „круговите“, се доволно јаки, останува само да се надеваме дека во него има доволно енергија која еден ден ќе нè врати кон заедничкото средиште, до новиот почеток, „или на родителскиот имот“. Така барем мечтаеме ние кои ги замислуваме тие нешта. (Од „Пригодна ars poetica“)
Митко Маџунков е македонски романописец, раскажувач, драмски автор и есеист. Митко Маџунков е роден во Струмица на 19 март 1943 година. Основното и средното образование ги завршил во родниот град, а дипломирал на Филолошкиот факултет во Белград, на групата светка книжевност со теорија на книжевноста. По дипломирањето, тој останал да живее во Белград и долго време работел како библиотекар-советник во Библиотеката на град Белград, каде што се пензионирал. Во 1970 година станал член на Здружението на писатели на Србија, од 1986 година е член на Друштвото на писателите на Македонија, а исто така, тој е член на Друштвото на независни писатели. Во 2006 година, Маџунков се преселил во Македонија. Во 2003 година бил избран за член на МАНУ надвор од работниот состав, а во 2007 станал редовен член на МАНУ.
Својот пробив на литературната сцена Маџунков го постигнал во Белград и долго време бил потценет во Македонија. Сепак, подоцна, таа неправда била исправена и, како признание на високиот квалитет на неговата проза, Маџунков бил избран за член на Македонската академија на науките и уметностите.
Основна одлика на творештвото на Маџунков е епскиот карактер на неговите романи. Неговите романи се големи по обем при што тие се испреплетуваат помеѓу себе. Оттука, некои главни и епозодни ликови се провлекуваат во повеќе негови романи. Притоа, во изборот на ликовите и ситуациите, Маџунков често внесува автобиографски елементи. Тој пишува во манирот на јужноамериканскиот волшебен реализам, т.е. во неговите дела провејуваат чудни настани, необјасниви случки, необични ликови итн. Сепак, многу често во неговите дела се вметнати ликовите, местата и легендите од струмичкиот крај.
Види повеќеВеб страницата користи колачиња за да ви овозможиме најдобро можно корисничко искуство. Со продолжување на користењето на нашата интернет страница ја прифаќате употребата на колачиња (cookies).
Се согласувам