Достапност во продавниците | |
---|---|
Книжарница ТРИ Ист Гејт | Нема на залиха |
Книжарница ТРИ Веро Центар | Нема на залиха |
Книжарница ТРИ Дебар Маало | Нема на залиха |
Книжарница ТРИ ГТЦ | Нема на залиха |
Овој македонски препев на „Кралот Едип“, покрај својата филолошка опстојност, лексичката и граматичка прецизност и доследност во однос на старогрчкиот изворник, на многу природен начин, целосно, задлабочено и во сиот раскош и сјај ја открива пред македонскиот читател ризницата со трагичка виртуозност на вонвременската трагедија на еден од најголемите трагедиографи на сите времиња.
Лај, синот на Лабдак, се оженил со Јокаста и владеел со Теба. Кога пророчицата Питија му предвидела дека неговиот син ќе го убие, Лај го оставил бебето на планината Китајрон, но го нашол некој пастир и им го однел на бездетниот пар Меропа и Полиб, владетелот на Коринт. Од времето кога Едип го убил татка си Лај и се оженил со мајка си Јокаста има поминато петнаесетина години. Сакајќи да ја открие причината за чумата што го уништува градот, кралот Едип праќа луѓе да побараат пророштво од Аполон. Оттука драмата се претвора во потрага по убиецот на Лај, а набргу се пренасочува во потрага за потеклото на Едип.
Ова хибристично патување од блажено незнаење до свирепо и грдо сознание за својот идентитет неумоливо води кон бездната што го проголтува трагичкиот јунак и сите блиски соделници на неговата гревовна трпеза.
Според традицијата, Софокле во младоста добил одлично образование, „вежбал меѓу момчиња во палестра и [учел] музика; и за обете (вештини) бил овенчан […]. Учел музика кај Лампросиј, а потоа кога Атињаните биле собрани за трофејот поради поморската битка кај Саламина, тој гол, намачкан со масло, го водел хорот што пеел славенички песни за победата и се придружувал самиот со лира.“ Сведоштвата, исто така, информираат дека Софокле во својот прилично долг живот (живеел 90 години) патувал далеку во античкиот свет и бил навистина хедонист кој уживал во своите љубовни доживувања со млади момчиња. Овој податок, како и образованието и ангажираноста на младиот Софокле во јавните настани, како што е водењето на хорот по битката кај островот Саламина во 480 г., само го потврдуваат неговото благородничко потекло на кое алудираат повеќето извори.
Софокле, исто така, е фален и поради неговата побожност. Бил свештеник на исцелителот херој Халон, кој се поврзува и со култот на богот Асклепиј. Од тие причини, кога култот на овој бог бил претставен во Атина во 420 г., Софокле го примил и прифатил во својот дом. Изворите велат дека постхумно Софокле го носел култното име Дексион („Оној што го прима богот“) заради овој чин и дека бил почитуван како херој.
Иако напишал над 100 трагедии и сатирски драми, денес целосно се зачувани 7 трагедии, како и една сатирска драма, Ловџиски кучиња, зачувана во поголем обем (околу 400 читливи стихови), пронајдена на папирус во нововековието.
Види повеќеВеб страницата користи колачиња за да ви овозможиме најдобро можно корисничко искуство. Со продолжување на користењето на нашата интернет страница ја прифаќате употребата на колачиња (cookies).
Се согласувам