| Достапност во продавниците | |
|---|---|
| Книжарница ТРИ Подвижна | Достапно |
| Книжарница ТРИ Веро Центар | Достапно |
| Книжарница ТРИ ГТЦ | Достапно |
| Книжарница ТРИ Дебар Маало | Достапно |
Пат за рајот е необично книжевно дело составено од десет раскази и три драми. Во расказите Драги Михајловски ја продолжува својата потрага по идеалното место за живеење по некоја своја автентична утопија. Истовремено ја развива сопствената основна линија на сликање и портретирање на стремежот од обичните луѓе кон необичното светото недостижното. Овој однапред очекуван неуспех се должи на ограниченоста на човекот како смртно битие кое нема што да бара во вонземското возвишеното боговското. Но овде како и во претходните раскази и романи на Михајловски овој таканаречен пат за рајот (и рајот како и царството небесно се всушност еден вид негативна утопија или дистопија односно места кон кои само се стремиме а фактички најаве не постојат!) е кажан појасно без многу метафори и други споредбени стилски бравури.
Трите драми (Швајцарија, Носко и Трите самовили) се, всушност, драматизации на еден роман од авторот и на две бајки – волшебни приказни од Марко Цепенков и од германскиот автор Вилхем Хојф.
Драги Михајловски (1951), Битола, Македонија. Дипломирал англиски јазик и книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Магистрирал на Филолошкиот факултет („Книжевниот лик на Скендербеј кај Прличев и во делата на англиски јазик“), а докторирал исто така во Скопје („Очудување и можни преводни модели врз примери од англиската поезија“). Од 1976 година работи на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Се пензионира како редовен професор на Катедрата за англиски јазик и книжевност по предметите Теорија на преведувањето и толкувањето и Практика на преведувањето.
Драги Михајловски е еден од најреномираните македонски писатели и преведувачи. Неговата прва збирка раскази РЕЧНО УЛИШТЕ (1981) ја доби наградата за најдобра дебитантска книга на Книжевната младина на Македонија. Во 1990 година излезе од печат неговата многу популарна збирка раскази ЃОН, во 1991 книгата есеи и преводи НЕРАСПНАТИ БОГОВИ, а во 1994 година збирката раскази СКОК СО СТАП, за која ја доби највисоката книжевна награда за проза во Македонија, РАЦИНОВО ПРИЗНАНИЕ.
Во 1995 година ја објави многу саканата, двојазична (англиски-македонски) книга за деца ВОЛШЕБНОТО КОТЛЕ И ДРУГИ БАЈКИ, а во 1999 година збирката раскази ТРИПОЛСКАТА КАПИЈА. Во 2000 година беше печатена неговата двојазична (англиски-македонски) книга за деца СИРОМАВИОТ И ЧУЧУРЛИГАТА, во 2001 година неговиот прв роман ПРОРОКОТ ОД ДИСКАНТРИЈА, а во 2002 година романот СМРТТА НА ДИЈАКОТ (преведен на бугарски од Здравка Итева, на српски од Билјана Андоновска и на словенечки од Намита Субиото како еден од десетте избрани најдобри словенски романи на Балканот!) за кој ја доби престижната награда СТАЛЕ ПОПОВ на Друштвото на писателите на Македонија. Во 2002 година излезе од печат и првото издание (подоцна има уште неколку!) на студијата од областа на преведувањето ПОД ВАВИЛОН: ЗАДАЧАТА НА ПРЕВЕДУВАЧОТ, во 2003 година збирката раскази РАСКАЗИ ОД ШЕСТИ КАТ, а во 2006 година романот МОЈОТ СКЕНДЕРБЕЈ (преведен на албански од Нехас Сопај), за кој повторно ја доби наградата СТАЛЕ ПОПОВ за најдобро прозно остварување. Во текот на 2004 година е колумнист на весникот ДНЕВНИК, а резултат е книгата КОЛУМНИ објавена на крајот од истата година. Во 2007 година во списанието СТРЕМЕЖ печатена е неговата драма ШАРЕНА УБАВИНА, а има направено и драматизација на две бајки, германската НОСКО (2016) и народната македонска ТРИТЕ САМОВИЛИ (2016). Во 2009 година се објавени неговиот роман БАЈАЗИТ И ОЛИВЕРА (преведен на англиски од Ричард Гофран и на српски од Гордана Јовиќ Стојковска), како и збирката раскази ПЕПЕРУТКАРОТ. Во 2014 излезе од печат збирката новели и раскази ГЛИНЕНИОТ ЧОВЕК, како и романот ДОЛЖНИЦИ, а во 2015 година, збирката раскази РАСКАЗИ И СПОРЕДБЕНИ КОМЕНТАРИ. Романот ШВАЈЦАРИЈА НА БАЛКАНИТЕ (2016) е негово петто романескно остварување.
Како преведувач, Драги Михајловски има преведено од англиски на македонски јазик, и обратно, во ритамот и должината на оригиналот со сите отстапки на граматичко и логичко рамниште, преку 130.000 стихови, меѓу кои 37 драми и 154 сонети од Вилијам Шекспир, епот „Беовулф“ од непознат автор, епот „Загубениот рај“ од Џон Милтон, книги поезија од Џ. Дан, В. Блејк, С. Т. Колриџ, В. Вордсворт, избрана поезија од Џ.Китс, Б. Јејтс, Т. С. Елиот, песни од Б. Брејтенбрах, Лез Мари, Дерек Волкот и други, како и проза од Т. Морисон, Христов, К. Ое, И. Б. Вајт, О. Вајлд и други. За оваа своја дејност ги има добиено сите награди на Сојузот на книжевните преведувачи на Македонија: ГРИГОР ПРЛИЧЕВ (двапати) за препевот на епот „Загубениот рај“ од Милтон и за препевот на „Сите драми и сонети“ од Шекспир, наградата ЗИМСКИ САЕМ НА КНИГАТА за препевот на сите сонети од Шекспир (2006), како и наградата за преведувачки опус од англиски јазик, КИРИЛ ПЕЈЧИНОВИЌ. Во 2013 година, за книгата препеви од англиски на македонски јазик „Сите драми и сонети на Вилијам Шекспир“, покрај наградата „Григор Прличев“, доби признанија од МРТВ, НОВА МАКЕДОНИЈА и БИТОЛСКИ ВЕСНИК за најдобра објавена книга на македонски јазик во 2013 година.
Книгите на Драги Михајловски се преведувани на повеќе светски јазици: англиски, француски, германски, како и на јазиците од балканските народи: српски, албански, словенечки и бугарски.
Драги Михајловски е член на Друштвото на писателите на Македонија од 1992 година, на ПЕН на Македонија од 1992 година, како и на Асоцијацијата на писателите за мир од Вашингтон, САД, од 1998 година.
Драги Михајловски бил уредник на повеќе книжевни списанија, меѓу кои на Стожер, Стремеж, член на Сенатот на универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, а две години (2007 – 2008) бил и претседател на Комисијата за издавачка дејност во Министерството за култура на Р. Македонија.
Види повеќеВеб страницата користи колачиња за да ви овозможиме најдобро можно корисничко искуство. Со продолжување на користењето на нашата интернет страница ја прифаќате употребата на колачиња (cookies).
Се согласувам