| Достапност во продавниците | |
|---|---|
| Книжарница ТРИ Веро Центар | Достапно |
| Книжарница ТРИ ГТЦ | Достапно |
| Книжарница ТРИ Дебар Маало | Достапно |
Семејството е секогаш на прво место. Без разлика на цената што треба се плати за тоа.
Браќата Карл и Рој Опгард се успешни според повеќето мерила за успех во едно мало гратче какво што е Ус. Карл управува со луксузниот спа-хотел во околината, додека Рој раководи со бензинската пумпа и има амбициозни планови да изгради забавен парк со луда железница. За двајцата браќа, единствениот пат е нагоре.
Но кога се дознава дека во близина треба да се изгради нов автопат, кој ќе го заобиколи гратчето и ќе го остави отсечено и изолирано, станува јасно дека мора да се преземе нешто.
Во меѓувреме, новата технологија му овозможува на локалниот шериф подлабоко да ги истражи старите нерешени убиства, вклучувајќи го и она на неговиот татко. Тој наоѓа нови докази за вмешаноста на браќата Опгард, но тие се навикнати да ги прикриваат трагите и не се плашат повторно да ги извалкаат рацете за да ги остварат своите цели. Па дури и по цена на крвната врска, која со секоја нова уцена, закана и убиство ги повлекува во бездната на разочарувањето и одмаздата.
Експлозивен трилер за лојалноста, семејните врски, љубовта што голта сè и која е исто толку деструктивна колку што е и моќна.
„Крвни врски“ е извонредно конструиран роман, совршен пример за динамика и напнатост од мајсторот на раскажувањето Несбе.
„Нордик вочлист“
Ју Несбе (1960) е современ норвешки писател, музичар и економист, водечки автор на криминалистички романи и трилери во Европа. Дипломирал економија и бизнис- администрација во 1986 година, работел како берзански брокер и новинар, бил фудбалер, пејач во рок-бендот Ди дере. Најпознат е по серијата трилери за детективот Хари Хуле, преведени на педесет јазици и продадени во над 33 милиони примероци. Автор е и на серијалот за деца Доктор Проктор – првата книга излегува во 2007 година, а по неа следуваат уште 4 забавни авантуристичко-детективски романи за деца и млади. Серијалот за доктор Проктор доживува голема популарност во Норвешка и брзо добива и своја филмска верзија. Објавил и неколку збирки раскази: Музиката од каруселот (Karusellmusikk, 2001; издава и музички албум со истиот наслов), Островот на стаорци и други раскази (2021), како и повеќе самостојни романи: филмуваниот Ловци на глави, потоа Макбет, Синот, Кралството, Белиот хотел.
Ју Несбе несоменено е невообичаено надарен автор со одлични познавања од психологијата, кој освoјува не само со мајсторскиот стил туку и со сижејните линии што секогаш изненадуваат.Читателот низ неговите романи ги следи трагите во бруталниот свет полн со злосторства, онака како што тоа го прави инспекторот Хари Хуле. Несбе го користи традиционалниот начин на пишување детективски роман, ја разгорува жедта за непознатото преку познатото. Неговите непридвидливи чекори ги комплетираат очекувањата и квалитетите што еден роман го прави трилер. Името на Несбе е првото што ќе го здогледате во книжевниот свет на 21 век на полиците меѓу трилерот, мистеријата и злосторството. Критичарите од целиот свет му оддаваат признание за збогатување на криминалистичкиот жанр.
Меѓу најпознатите дела му се Лилјакот (1997, првиот роман од серијата за Хари Хуле, кој ја добива наградата Стаклен клуч за најдобар скандинавски детективски роман, како и меѓународната награда Ривертон за најдобар криминалистички дебитантски роман), Црвеношијка (2000, Роман на годината на Здружението на книжари на Норвешка за 2000 г.; прогласен за најдобриот норвешки криминалистички роман на сите времиња), Соломоновиот знак (2003, награда на Финската академија), Снешко (2007, Роман на годината за 2008), како и серијата романи за деца и млади Доктор Проктор (награда на Асоцијацијата на норвешките критичари за најдобар роман за деца и млади за 2010). Други познати романи му се Оклопно срце (2009), Сеништето (2011), Жед (2017), Полноќно сонце (2017) итн. Има основано фонд за помош за описменување на земјите од Третиот свет, на кој му го има заветено своето наследство. Живее и работи во Осло.
Види повеќеВеб страницата користи колачиња за да ви овозможиме најдобро можно корисничко искуство. Со продолжување на користењето на нашата интернет страница ја прифаќате употребата на колачиња (cookies).
Се согласувам