| Достапност во продавниците | |
|---|---|
| Книжарница ТРИ Дебар Маало | Достапно |
| Книжарница ТРИ Веро Центар | Достапно |
| Книжарница ТРИ Ист Гејт | Достапно |
| Книжарница ТРИ Подвижна | Достапно |
| Книжарница ТРИ ГТЦ | Достапно |
Во Раскази од минатиот век Виолета Танчева-Златева ја брише границата меѓу умот и заумот, меѓу стварноста и фантазијата, меѓу светот на секојдневието и светот на очудувањето, меѓу сонот и јавето, меѓу класичниот и магичниот реализам. Иако пишувани „во минатиот век“, тие се интуитивна проекција на новиот век, небаре минатото ја посматра иднината со очите на сегашноста, а погледот се менува во дијалогот со себеси, па имаме раскази и со морбиден, но и со меланхоличен призвук, и со рурален, но и со урбан амбиент, и со исповеден, но и со премолчен тон, и со цврсти, конкретни факти, но и со раскошно измислени случки, поставувајќи го егзистенцијално-поетичкото прашање „Колку треба да се премолчи, а сепак да се каже потребното?“ Потеклото, коренот, селската (не)идила, градската сцена, растењето, мајчинството, љубовта, ранливоста на човечкото битие, заборавот, сеќавањето, судбината на жената, животот како пат без станица за одмор – се само дел од темите што авторката ги обработува на автентичен начин, ненаметливо, емпатично и во духот и на старата македонска книжевна класика, но и во дослух со новите наративни пристапи на раскажување. Виолета Танчева-Златева раскажува за хронотопот на срцето кое е секогаш овде и сега. Нејзините раскази од минатиот век се раскази за нас и за нашиот век.
Лидија Димковска
СЛИКА НА КОРИЦАТА: Никола Пијанманов, „Напуштениот храм“, акрилик на медијапан, 70 х 90 см, 2021 г.
Виолета Танчева-Златева (25.4.1968, с. Бориево, Струмица) е поетеса, раскажувачка, есеистка, преведувачка, лекторка. Дипломирала Југословенска книжевност на Филолошкиот факултет во Скопје. Член е на Друштвото на писатели на Македонија и на Здружението на лекторите на Република Македонија. Ги има објавено прозните книги Книга за сонот (куса проза, 1991), Враќања (роман, 1993), Враќајќи се во Бориево (раскази, 1999), епистоларниот роман за деца Шарени писма (2008), Раскази од минатиот век (2022), романот Бела Сама (2023). Почнувајќи од Мојот Пикасо во 2007 година, ги издала поетските книги Заробеници на молкот (2010), Огнена (2011), Нашата приказна (2013), Година без лето (2015, и на англиски A Summerless Year, Струшки вечери на поезијата, 2016), Патот (2018), На работ на светот и Капе времето (2021), Глуво време (2023). Во 2024 година ја приреди Антологија на копнежот од современата македонска поезија. Застапена е во многу избори, панорами и антологии. Нејзини песни и раскази се препеани/преведени на неколку јазици и објавени во списанија и зборници на српски, црногорски, словенечки, англиски, бугарски, албански, романски, руски, украински, словачки, полски, турски, германски јазик. Освоила прва награда за проза на анонимниот конкурс на Независни изданија Ѓурѓа во 1991 г. за Книга за сонот; награда Браќа Миладиновци на Струшките вечери на поезијата во 2015 г. за Година без лето; награда Ацо Шопов на Друштвото на писатели на Македонија во 2018 г. за Патот; награда Антев златник на Meѓународната поетско-културна манифестација Анте Поповски – Антево перо за 2022 г. за поетскиот ракопис Глуво време; награда Битолски книжевен круг за поезија во 2024 година.
Види повеќеВеб страницата користи колачиња за да ви овозможиме најдобро можно корисничко искуство. Со продолжување на користењето на нашата интернет страница ја прифаќате употребата на колачиња (cookies).
Се согласувам