| Достапност во продавниците | |
|---|---|
| Книжарница ТРИ Веро Центар | Достапно |
| Книжарница ТРИ Ист Гејт | Достапно |
| Книжарница ТРИ Дебар Маало | Достапно |
| Книжарница ТРИ ГТЦ | Достапно |
Животот се полни целосно токму во празнината.
Има убавина и во неприпаѓањето. Во тоа да бидеш етер. Да бидеш трамонтана – каталонскиот ветер кој носи сè пред себе. Има убавина и во зборувањето за неприпаѓањето. На начинот на кој Наташа Сарџоска, пишувајќи за празнината, нѐ носи отаде празнината.
Алма е истовремено некој и нешто, никој и ништо. Нејзината добро платена дипломатска работа ја измачува со лицемерноста што се крие зад големите хуманитарни проекти. Темнина скриена зад име кое значи светлина. Не припаѓајќи никому, слободна и невидлива е во Париз, градот што никогаш никого не прима. Наспроти неа, Алба им припаѓа на сите, но не и себеси. Живее скриена зад името кое значи бели мугри, а одвај чека да се засолни во темнината на ноќта. Нивната средба во Охрид, градот кој умее да прими несебично и топло, ќе им ги промени судбините.
Сите ние понекогаш ја чувствуваме празнината – сеопфатна и застрашувачка. Потребна е храброст да се соочиме со неа. Ако, пак, ја прифатиме, ни ги открива одговорите на најважните животни прашања. А потоа низ неа јурнува трамонтаната, која нѐ прочистува и му дава нова смисла на животот.
Наташа Сарџоска (Скопје, 1979), поетеса, писателка, антрополог, литературна преведувачка, полиглот. Живеела во многу европски градови, меѓу кои Париз, Милано, Лисабон, Хајделберг, Брисел, Штутгарт. Докторирала антропологија на Универзитетот „Еберхард Карлс“ во Тубинген, на Нова Сорбона во Париз и на Универзитетот во Бергамо, а како антрополог истражувала граници, миграции, егзил и бездомност. Ги објавила книгите поезија „Сина соба“, „Кожа“, „Тој ме повлече со невидлив конец“, „Жива вода“ и „Крстна коска“, како и голем број раскази, есеи и академски трудови. Нејзини книги се преведени и објавени во Италија, САД, Аргентина и Косово. Нејзини песни се преведени на повеќе од 15 светски јазици и објавени во меѓународни книжевни ревии и антологии. Нејзината песна „Кукла на конци“ е објавена на англиски и шпански јазик во Меѓународната поетска антологија против злоупотреба на деца. Ја уредила светската поетска антологија „Blurred and political: border poetry“ во Канада.
Превела од италијански, француски, португалски, шпански и каталонски јазик на македонски јазик стотици писатели и поети, меѓу кои Пазолини и Сарамаго.
Настапувала на многу меѓународни поетски фестивали, меѓу кои фестивалот во Меделин, „Ars Poetica“ во Националната галерија во Братислава, фестивалот „Пароле спаланкате“ во Дуждовата палата во Џенова, поетскиот фестивал во Берлин во Академијата за уметност, фестивалот „Sha‘ar Helicon“ во театарот „Јафа“ во Тел Авив. Соработувала со Францускиот институт во Скопје организирајќи поетска вечер посветена на франкофонската поезија за егзил „Les rivages de l’exil“, и со Амбасадата на Италија во Скопје организирајќи ја поетско-музичката вечер „Il vino è la poesia della terra“. Ја добила наградата „Don Luigi de Liegro“ за посебни заслуги за творештво на италијански јазик. Во своето слободно време се занимава со керамика, сликарство, фотографија, јога, танцува танго, патува и сонува.
Веб страницата користи колачиња за да ви овозможиме најдобро можно корисничко искуство. Со продолжување на користењето на нашата интернет страница ја прифаќате употребата на колачиња (cookies).
Се согласувам