| Достапност во продавниците | |
|---|---|
| Книжарница ТРИ ГТЦ | Достапно |
| Книжарница ТРИ Веро Центар | Достапно |
| Книжарница ТРИ Подвижна | Достапно |
| Книжарница ТРИ Дебар Маало | Достапно |
Книгата „Емотивен талог“ произлегува од себезапрашаноста пред предизвиците на современото живеење и откривањето на сопствените стратегии за борба против сѐ што нѐ одвојува од нашата суштина. Ова дело е повик и поттик да се впуштиме во авантура на себеиспитување и себенадградување преку аналитички поглед во сопствениот емотивен талог.
Гоце Смилевски
Прозните цртички за „најдлабокото човечко“ на Ана Јовковска се албум на една лична интима, но воедно и освестувачки аларм за колективната свест и совест. Испровоцирани од радикалната промена на светот при соочувањето со монструозниот вирус, нејзините прозни записи се длабока интроспекција и потрага по примарните хуманистички вредности: среќата, љубовта, слободата, здравјето (физичко и ментално), моралот, солидарноста, природата, културата... Хибридните прози кои комбинираат расказ со есеј, колумна со критика, филозофија со психологија се необични книжевни медалјони, свежи и сочни. И, секако, не смее да се заборави – имаат розова боја, „крчкани“ се во женска кујна!
Соња Стојменска-Елзесер
Приказните од кујната на Јовковска се „крчкани натенане“, сериозно промислени и продлабени низ слоевите на колективните матрици, но едновремено длабоко прочувствувани и процедени низ решетките на сопственото искуствено доживување. Во нив таа навидум се занимава со себе и женските револуции што ги води, но нејзиното интимно соголување, всушност, крие гандиевска филозофија, длабоко верувајќи дека со личниот пример може да го трасира патот кон поправеден, послободен и попродуховен свет.
Ана Мартиноска
Извонредно слоевита и напишана со огромна вештина, книгата „Емотивен талог“ има силна интроспективна визура. Интелектуалната љубопитноста на Ана Јовковска е безгранична и повикува на креативен и продуктивен дијалог со читателите. Ракописот е густ како талог од кафе, натопен во разигран јазик на метафори, симболи и асоцијации, а сепак е едноставен, непретенциозен и лесно читлив.
Владимир Мартиновски
Ана Јовковска (1982, Скопје) е научна истражувачка, магистерка по културолошки студии, дипломирана новинарка, колумнистка, писателка, ТВ-уредничка, специјалист за односи со јавност и тренер по комуникациски вештини.
Авторка е на неколку книги: „Емотивен талог“ (2022, ТРИ), „Сакам, значи постојам“ (2019, ТРИ), „Ехо на слободата“ (2018, ТРИ), „Пулсот и времето“ (2015, Силсонс/Матица македонска) и илустрираната книга за деца „До небото и назад“ (2021, Едиција Светулка).
Авторка е на над 1.500 интервјуа, 250 текстови – колумни, критики, есеи и научни трудови.
Нејзините почетоци како ТВ-лице се од 1994 година и повеќе од дваесет и пет години континуирано работи во разни електронски и печатени медиуми, анализирајќи ги социо-културните феномени на денешнината. Јовковска е авторка и продуцентка на дебатната емисија „Пулс“, којашто се емитуваше од 2007 година во најгледаните термини на телевизија, за што неколкупати е наградувана за најдобар ТВ-проект во Македонија.
Учествува во голем број истражувања и кампањи од областа на културолошките студии, комуникологијата, медиумското образование и креативните индустрии. Спроведува обуки за комуникациски вештини, јавно говорење, медиумска култура и родова еднаквост.
Активистка и амбасадорка на добра волја е на кампањи за човекови права, здрава животна средина, социјална инклузија, родова еднаквост, права на животни и друго.
Ужива да вози велосипед, не само како рекреативно туку и како еколошко превозно средство.
Рајот го замислува како библиотека полна со книги.
Види повеќеВеб страницата користи колачиња за да ви овозможиме најдобро можно корисничко искуство. Со продолжување на користењето на нашата интернет страница ја прифаќате употребата на колачиња (cookies).
Се согласувам