| Достапност во продавниците | |
|---|---|
| Книжарница ТРИ Дебар Маало | Достапно |
| Книжарница ТРИ ГТЦ | Достапно |
И во својот најнов роман Јаничари од Балканската сага, која француската книжевна критика ја вбројува во редот на големите европски романи, Луан Старова третира една трајно актуелна проблематика потпирајќи се врз силната ерудиција и романескната драматургија што ја носат двајцата главни ликови. Тие се понесени од идејата вистински толкувајќи го јаничарството во сите појавни облици и во различни времиња, да придонесат за спасување на своите потомци, кои остануваат чувари на идентитетот на својот народ, чувари на човештвото...
Романот Јаничари е дваесеттата книга од големиот проект на Луан Старова наречен Балканска сага. Сите овие томови се, всушност, една приказна за балканската стварност, видена и раскажана преку едно бегалско семејство... Авторот, по широко проучување на јаничарскиот феномен, испишува една обемна, импресивна книга, сугерирајќи дека јаничарство може да се смета за клуч за разбирање на балканската судбина.
Димитар Башевски
Двата главни лика, Таткото и Климент Камилски, во нивната декултуризација/рекултуризација, ја пренесуваат својата визија и на Сталин, Грузиецот, првин внесен во монашкиот ред, кој станува „главниот јаничар“ на Советската Империја.
Едгар Морен
Луан Ариф Старова е роден на 14 август 1941 година, во Поградец, Албанија. Од 1943 година живее во Македонија, најнапред во Струга, а потоа во Скопје. Основно училиште и гимназија завршил на македонски јазик, а дипломирал француски јазик и книжевност. Од 1974 година, по магистрирањето и докторирањето во Загреб, специјализира од областа на француската модерна книжевност на Сорбона во Париз и кариерата ја продолжува како универзитетски професор на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Бил амбасадор на СФР Југославија во Тунис и во државата Палестина (со седиште во Тунис), потоа бил и прв амбасадор на Република Македонија во Франција, постојан претставник во УНЕСКО и нерезидентен амбасадор во Шпанија и Португалија. Од 2003 година е член на Македонската академија на науките и уметностите, а од 2012 и нејзин потпретседател. Член е на Медитеранската академија, на Европската академија и почесен член на Албанската академија на науките. Во книжевноста се појавува на дваесет години. Пишува на македонски, на својот мајчин албански јазик и на француски јазик. До 1991 година е главно познат по своите есеи, патописи, книжевни студии и преводи. Посебно внимание кај домашната и меѓународната книжевна и културна јавност ќе предизвика со објавувањето на романот Татковите книги (1992), матична книга на една циклична сага именувана од авторот како „Балканска сага“, со досега објавени 19 романи. Романот „Татковите книги“ во 1993 година е прогласен за роман на годината, а досега е преведен на француски, германски, англиски, италијански и турски јазик. Втората книга романот „Времето на козите“ (1993), добитник на прва награда на Конкурсот за роман на издавачката куќа „Мисла“. Како и првата книга, и овој роман авторот го пишувал на албански и македонски јазик, а досега е објавен на француски, англиски, германски, шпански, италијански, турски, грчки, есперанто, романски, хрватски, полски, бугарски, руски, фински, словенечки и други јазици. Француското издание на овој роман беше номинирано за најдобар странски роман издаден во Франција, за најдобар европски роман, за наградата „Жан Моне“, за наградата „Ангелус“ за најдобар роман објавен на полски јазик од автори од Централна и Источна Европа. Потоа следуваат другите романи од Балканската сага: „Балкански клуч„ (1995), „Атеистички музеј“ (1996), „Пресадена земја“ (1997), „Патот на јагулите“ (2000), „Тврдина од пепел“ (2003), „Балкански жртвен јарец“ (2004), „Ервехе – книга за една мајка“ (2005), „Во потрага по Елен Лејбовиц“ (2008), „Љубовта на генералот“ (2008), „Амбасади“ (2009), „Нови амбасади“ (2011), „Балканвавилонци“ (2014), „Полифонисти“ (2016), „Враќањето на козите“ (2016), „Граница“ (2017), „Цариградски емигрант“ (2019), „Генералот и пеперугата“ (2020) и „Јаничари“ (2020). Повеќето од овие романи се преведени на повеќе јазици. За Балканската сага се напишани голем број критики, книжевни студии, одбранети се дисертации на универзитетите во Варшава, Тирана, Скопје, пишувани се и одбранети магистерски трудови, организирани се промоции во повеќе европски градови. За своето книжевно дело авторот е добитник на државните награди „Климент Охридски“, „11 Октомври“, наградата на Град Скопје „13 Ноември“, Рациновото признание, двапати наградата за прозна книга „Стале Попов“ на Друштвото на писателите на Македонија, а за својот роман „Балканвавилонци“ е добитник на наградата на „Утрински весник“ за роман на годината. Добитник е и на престижното и највисоко француско признание Командант во редот на уметностите и книжевностите и на еден од најголемите француски ордени – Офицер на Националниот ред на Легија на честа.
Види повеќеВеб страницата користи колачиња за да ви овозможиме најдобро можно корисничко искуство. Со продолжување на користењето на нашата интернет страница ја прифаќате употребата на колачиња (cookies).
Се согласувам